Пријавете се на нашиот месечен е-билтен
Зборуваме со Лилјана Христовска – супервизор технолог за производство на пиво, која неодамна беше избрана да учествува на глобалната конференција One Young World, заедно со илјадници делегати од целиот свет. Искуството го опишува како значаен личен и професионален момент, кој и овозможил поврзување со други млади лидери, размена на идеи и учење од познати говорници и активисти.
Клучни теми на конференцијата беа родова еднаквост, инклузија, мир, пристап до образование и здравствени услуги за сите, како и етичката употреба на вештачката интелигенција. Овие теми силно резонираа со Лилјана да донесе нови перспективи и позитивни промени во своето работно опкружување.
-Кога ја добив информацијата дека сум избрана да бидам дел од One Young World и тоа една од вкупно 2200 делегати од повеќе од 190 земји во светот, чувствував огромна чест и задоволство, како и благодарност за можноста.
За мене лично, ова е потврда дека мојот труд и посветеност се препознаени, а професионално One Young World ми овозможи да се поврзам со млади лидери од целиот свет, секој со своја уникатна култура и приказна, но сите со иста мисија: да ги претвориме идеите во реалност за подобро утре, да веруваме во себе. Ова искуство силно ме мотивира и инспирира да размислувам глобално и да придонесам локално, дури и ако тоа понекогаш значи мали чекори. Секоја идеја има потенцијал – ако ѝ дадеме шанса да оживее.
Всушност, One Young World е глобална и уникатна платформа која ги обединува највлијателните млади лидери да разменуваат идеи за најголемите предизвици на нашето време. Истовремено, нуди можност да се слушнат инспиративни говори, успешни приказни и различни перспективи од светски лидери, бизнис лидери, активисти, хуманитарци, иноватори и претприемачи од сите индустрии. Но, One Young World не е само настан бидејќи сите делегати станавме OYW амбасадори со доживотно членство во глобалната заедница и мисија да ги претвориме идеите во реално влијание.
Навистина е тешко да се издвои еден момент од ваков настан. Но, ќе се обидам:
– Прво, можноста за создавање на конекции и енергијата на сплотеност ме потсетија колку е моќна колективната енергија и колку секој од нас може да придонесе за позитивна промена. Особено впечатлив беше моментот на завршната церемонија кога сите учесници напишавме порака на врвка, а потоа сите наши пораки ги поврзавме во една голема топка како симбол за задничка сила. Емотивен беше моментот бидејќи пораките кружеа до сите низ песна.
– Второ, би ја издвоила можноста да земеме учество во интерактивни работилници на различни теми, секој во својот домен на интерес, да споделиме идеи, да слушнеме други перспективи и добри пракси, како и да поставиме прашања.
– Би завршила со инспиративниот говор на Мариа Реса (Добитничка на Нобеловата награда за мир) која повикуваше на радикална соработка повторувајќи Collaborate, collaborate, collaborate! , споделувајќи порака до сите нас млади лидери и ентузијасти да избираме храброст наместо удобност, факти наместо претпоставки и надеж наместо страв. Надежта доаѓа со акција. Избирајте што е исправно, а не полесно.Information integrity is the mother of all battles; we win that, we win everything, we lose that we lose everything.
Би ја издвоила приказната на Јакуб Гиетка од Полска, млад OYW амбасадор, кој беше номиниран за наградата Astra Zeneca Lead2030 поддржана од програмата AstraZeneca Young Health programme. Оваа Награда е наменета за млади глобални лидери кои креираат иновативни решенија за здравствени и животни предизвици под слоганот ,,Младите во срцето на здравјето‘‘. Зошто ја доби наградата? Јакуб е млад основач на фондацијата ,,Aiming for the future” посветена на инклузија на лицата со попреченост и пристап до образованието, инспириран од сопствената животна приказна и борба за финансиска писменост како лице со спинална мускулна дистрофија. Тој сподели дека неговата цел е едноставна: да го искористи сопственото патување и да зборува отворено за да изгради платформи и решенија што ќе им го олеснат животот на следните семејства, така што никој нема да мора да почне од нула како неговото семејство. Неговата инспиративна приказна носи силни пораки за упорност, инклузија и лидерство. Тој рече: Ако вие самите не верувате доволно во вашата идеја, не очекувајте некој друг да верува повеќе од вас.
Морам да признаам дека беше фасцинантно колку широк спектар на теми беше опфатен, со цел да се претстават сите предизвици со кои се соочува светот. Главно, најголем впечаток ми оставија темите за родова еднаквост и инклузија, борбата за мир, безбедност и достапност до образование и здравствени услуги за сите во светот. Би ја издвоила неверојатната енергија и моќен говор на Тери Крус на тема родова еднаквост и токсична машкост, споделувајќи сопствено искуство. Тој мотивираше за висока емоционална зрелост кај мажите и жените подеднакво, кршење на догмите и честа саморефлексија. Толку добро ја долови потребата за родова еднаквост што аплаузот не престануваше.
Најчеста тема која беше дел од речиси секој говор беше ВИ (вештачка интелигенција) со пораки за нејзина етичка употреба, адаптација, и крај на прашањето дали AI може да ги замени работните места, бидејќи вистинското прашање е како ќе ги развиваме нашите вештини, начин на размислување и дигитална писменост за да ја направиме вештачката интелигенција да работи за нас, а не да не замени. Беа споделени голем број примери како ВИ е релевантна алатка за ранливи групи. Ова навистина ми го прошири видикот за ерата на дигитализација во која живееме и важноста на нејзиното што побрзо интегрирање во секојдневието.
Како млад лидер, научив дека вистинското лидерство не е позиција, туку е начин на размислување и истото почнува многу порано пред да се чувствуваме ‘‘подготвени‘‘. Научив дека мојата вистинска сила не е во тоа секогаш да имам одговор на сите прашања, туку во способноста активно да слушам, да учам и да создадам простор каде добрата соработка и заедничката енергија за промена се главната суперсила. Открив дека мојот глас има поголемо влијание отколку што сум верувала, и дека малите чекори, кога се водени од искрена намера, можат да донесат вистинска промена. И на крај, конекциите што ги градиме се вистинската моќ.
Вредностите на One Young World заедницата и вредностите на нашата компанија се длабоко усогласени. И двете организации ја потенцираат одржливоста, развојот на младите таленти и негувањето инклузивна култура, и токму тоа ги прави успешни во градење на лидери кои создаваат трајни и одржливи промени.
OYW силно ја нагласува соработката и колективната сила како двигатели на глобалната промена, што е во целосна хармонија со вредноста на нашата компанија „Ние пред јас“. Најголемата промена ја постигнуваме кога градиме конекции, слушаме различни перспективи и работиме заедно кон заедничка цел.
Од искуство до сега би рекла: никогаш не престанувајте да учите и да се адаптирате. Светот се менува побрзо од кога било, а нашата најголема предност е способноста да развиваме нови вештини. Зграбете ја секоја шанса што значи ново поле на знаење, предизвик, нова можност за излегување од комфорт зоната и градење нови конекции. Не се плашете да ја споделите вашата идеја – зборувајте гласно за можностите за подобрување, затоа што промените започнуваат од секој од нас, секој ден. И најважно, поставувајте си го прашањето ЗОШТО многу често, барајте одговори.
Една од најголемите придобивки од учеството на OYW summit е што сите делегати станавме OYW амбасадори и дел големото семејство на заедницата на OYW, тоа значи уникатна можност за градење на глобална перспектива, пристап до културна разновидност, глобалните предизвици, како и иновативните решенија. Самиот настан беше повик за акција и соработка. Платформата нуди можности за континуирано учење како работилници, програми и учество на глобални настани, а јас сум силно мотивирана да ги споделувам искуствата и новите идеи во нашата компанија.
Поврзувањето со амбасадори од различни земји и различни области и надвор од мојата експертиза ми овозможува да научам нови перспективи. Верувам дека преку активно вмрежување и учење, можам да ја зајакнам мојата самодоверба, и да придонесам за позитивни промени.
Би сакала моите колеги да го почувствуваат она што OYW искуството ми даде можност да го почувствувам, а тоа е дека секој од нас има моќ да придонесе за позитивни промени, дури и преку мали чекори во текот на секој ден. Инспиративните говори на глобалните лидери и активисти, добитници на Нобелови награди, ме инспирираа да верувам дека нашите идеи и дела можат да направат разлика, и дека заедно можеме да изградиме култура на иновации, инклузија и одржливост.
Следно ќе се потрудам да ги откријам и истражам сите можности што ги нуди OYW платформата и да бидам активна во групата со амбасадори од нашиот регион, каде се споделуваат настани и идни активности. Потоа, план ми е да организирам интерактивна сесија со панел група на колеги, споделувајќи го моето искуство и мотивирајќи за зголемување на бројот на OYW амбасадори под капата на Coca-Cola HBC. На тој начин ќе ја зајакнеме можноста за соработка и ќе го искористиме потенцијалот на вакви платформи за да растеме, да учиме и да влијаеме за позитивни промени.