Пријавете се на нашиот месечен е-билтен
Пивара Скопје“ е компанија со повеќе од еден век историја каде што традицијата и иновациите се преплетуваат притоа создавајќи не само пиво, туку и приказни, емоции и брендови кои се дел од културното живеење. Како изгледа да се работи зад брендот што со децении е симбол на македонската автентичност?
Во разговор со Марта Завкова, менаџер за категорија пиво во „Пивара Скопје“, откриваме што значи да се биде дел од еден од најреномираните домашни брендови, како се создаваат нови вкусови и брендови и зошто „Пивара Скопје“ е вистинско место за младите кои сакаат да растат во динамична, инспиративна и современа средина. Во ова интервју зборува за создавањето на Скопско Weiss и за предизвиците на маркетингот во современо време.
Кога почнавте со работа во „Пивара Скопје“ и кои искуства ги добивте работејќи во еден реномиран гигант?
– Моето образование и искуство се во маркетинг и менаџмент, а Скопско отсекогаш ми било исклучително инспиративен бренд. Уште од студентските денови се прашував како е да се работи на нешто што е толку вкоренето во нашето секојдневие. Сега можам со сигурност да кажам – Скопско не се работи, Скопско се живее и се чувствува. На почетокот имав можност да работам на другите пивски брендови, што беше одличен вовед во највозбудливото поглавје – можноста да го водам Скопско. Со тоа вистински успеав да ги ставам во практика сите знаења што сум ги стекнала преку книги и предавања, но и да разберам како изгледа однатре реализацијата на кампањи и активности за кои порано сум велела: „Е, ова е тоа! Ова е вистински маркетинг!“.
Како стигнавте до позицијата менаџер за категорија пиво, колку труд и знаење се потребни да се вложат за развој во успешен менаџер?
– За мене, знаењето е само почетна точка, а неговото надградување и напредокот се многу повеќе прашање на став и посветеност. Во маркетингот нема црно-бели прашања, ниту дефинитивни одговори и насоки. Тоа е комбинација од разум и од она чувство што те „боцка во стомакот“ и не можеш да го објасниш. Маркетингот бара исклучителна отвореност и љубопитност – да бидеш во тек со сè што е актуелно, да сакаш да ги разбереш луѓето: што ги смее, натажува или охрабрува. Да бидеш креативен и да размислуваш надвор од рамката, но истовремено доволно структуриран за ефикасно да ги водиш процесите и тимот. Важно е да знаеш што е brand funnel, GRP или topical content, но и што значи ROI, master data или материјална спецификација. И, можеби најважното, да си одлучен работите да ги истераш докрај, без разлика дали се „твоја работа“ или не. И затоа би заклучила дека во маркетинг на моменти е динамично и напорно, но никогаш не е досадно.
Каква перцепција имавте за „Пивара“ и Скопско пред да се вработите и каква е перцепцијата за компанијата сега?
– Пред да станам дел од „Пивара Скопје“ ми изгледаше како голем систем со долга традиција и препознатливи брендови што сите ги знаеме. А кога влегов внатре, сфатив дека зад таа историја има неверојатно жив пулс. Тоа е место каде што идеите брзо се движат, каде што има храброст да се проба нешто ново и каде што преку сите активности ја продолжуваме успешната приказна од повеќе од 100 години, но на модерен, свеж и автентичен начин.
Каква средина е „Пивара“ за младите луѓе во однос на професионалниот развој, кои се бенефициите од работењето?
– „Пивара“ е место каде што младите не се „иднината“ на компанијата, туку сегашноста во која сериозно се инвестира. Најискрено тврдам дека уникатна предност на „Пивара Скопје“ е можноста за учење, пред сѐ, од богатата историја на самата компанија и луѓето. А потоа, од искуството и ресурсите на два големи интернационални системи од кои сме дел, надополнети со програми за развој, менторство, тренинзи кои придонесуваат за забрзан развој на талентите.
Фото: приватна архива