Пријавете се на нашиот месечен е-билтен
Четири децении во Пивара Скопје, исполнети со предизвици и промена на неколку позиции е доказ дека Пивара Скопје е компанија која се грижи за своите вработени и нивниот личен и кариерен развој, вели Зоре Спасовска, специјалист во кредитна контрола во Финансискиот сектор. Вели дека Пивара Скопје е пример за компанија во која поимот родова еднаквост не се дискутира, бидејќи се подразбира. Како и повеќето жени успева да заврши истовремено повеќе обврски како на деловен, така и на приватен план, а за тоа најважна е добрата организација, соработката, како и поддршката од семејството. Слободното време најмногу го поминува со внуците Петар и Леа.
Мојата кариера во Пивара Скопје започна на 04.06.1979 година. Најпрво работев во производство, а после 5 години продолжив во Комерцијалниот сектор, тогашно Фактурно одделение. Во текот на годините сменив неколку работни позиции како во Комерцијалниот, така и во Финансискиот сектор и тоа ми овозможи да ги проширам моите знаења на повеќе полиња. Со гордост би сакала да споделам дека годинава прославувам четири децении работа во Пивара Скопје.
Во мометов сум на позицијата Специјалист во кредитна контрола во Финансискиот сектор. Работното место подразбира секојдневна комуникација како со колегите од другите сектори, така и со нашите купувачи. Постојано се трудиме да имаме задоволни купувачи, кои секогаш се на прво место.
Пивара Скопје е несомнено компанија која постојано се грижи за своите вработени. Среќна сум што за време на мојот работен век имав можност да го проширам и надградам своето знаење и да работам во компанија во која владее позитивна атмосфера и тимски дух. Ние Пиварците ја чувствуваме Пивара Скопје како наш втор дом.
Фактот дека моето прво вработување е во Пивара Скопје, а и после 40 години тука ќе го завршам мојот работен век, говори сам за себе.
За мене Пивара Скопје е пример за компанија во која поимот родова еднаквост не се дискутира, бидејќи се подразбира. Нашите тимови се пример за рамноправност и можност за напредување независно од полот.
Како и сите жени успевам да завршам истовремено повеќе обврски како на деловен, така и на приватен план. Сметам дека за тоа е најважна добрата организација, соработката, како и поддршката од семејството.
На младите би им советувала да се соживеат со својата работа, да ја сакаат и почитуваат компанијата, да бидат позитивни, истрајни и чесни во извршувањето на своите работни задачи и постигнувањето на своите цели. Исто така, со задоволство да го дочекуваат секој нов работен ден и да ги прифаќаат можностите кои им ги нуди Пивара Скопје.
Слободното време го поминувам со своето семејство: сопругот, синовите, снаите и внуците Петар и Леа. Миговите поминати со своите најблиски за мене се бесценети. Понекогаш со сопругот ја користиме можноста да отпатуваме некаде со пријателите и да се релаксираме.