Subscribe to Our Monthly E-Newsletter
Пивара Скопје, заедно со италијанскиот бренд Caffè Vergnano, дел од нашето 24/7 портфолио, започнува нова иницијатива која го претвора секојдневниот момент на уживање во кафе во поддршка за младите кои се стремат кон подобра иднина преку образованието.
Под мотото „Ова кафе поддржува студенти со големи соништа“, во периодот од 25.11.2026 до 25.12.2026 година, за секое продадено кафе Caffè Vergnano во партнерските HORECA објекти, Пивара Скопје ќе донира по 3 денари во фонд за студенти од социјално ранливи категории.
Иницијативата се реализира во партнерство со Casa Bar, Bistro Komedija, Sports Bar Beer Garden, Laboratorium, Kantina, Senegalija, Solis, Centro, Vendi, Modo и Kafe Bar Che во Скопје, Maró во Тетово, Bruklin во Куманово, Bar Opshtina во Битола, Nocciolino и Letnica во Охрид, Local Bar во Штип, Onyx во Прилеп и Piccadilly во Кочани, кои ја препознаа важноста на вложувањето во младите генерации и се приклучија кон оваа наша заедничка мисија. Со секое испиено кафе Caffè Vergnano станувате дел од приказна што им помага на младите да продолжат да учат, да напредуваат и да веруваат во својата иднина.
Собраните средства ќе бидат донирани преку невладината организација „Донирај Компјутер“, која континуирано работи на подобрување на пристапот до образование и дигитални можности за лица и семејства од социјално ранливи категории. Донацијата ќе биде наменета за иницијативата „Плати семестар“ на младинската организација „Млади од семејна разновидност“, која обезбедува поддршка за студентите да го продолжат своето високо образование и полесно да ги остварат своите академски и професионални цели.
По успешната акција за поддршка на Интервентниот женски фонд, ова е уште еден чекор во нашата заложба, заедно со Caffè Vergnano и нашите партнери, да придонесуваме таму каде што поддршката е најпотребна. Овојпат, заедно инвестираме во знаење, образование и иднината на младите.
Во Пивара Скопје веруваме дека образованието е еден од најсилните двигатели на развојот и напредокот. Токму затоа, преку оваа иницијатива сакаме да придонесеме кон создавање повеќе можности за младите кои имаат потенцијал, амбиција и желба за успех. Затоа што секој млад човек заслужува можност да учи, да напредува и да ги претвори своите соништа во успех.