Subscribe to Our Monthly E-Newsletter
Кога почнавте со работа во „Пивара Скопје“ и какви искуства стекнавте работејќи во еден реномиран гигант?
– Малкумина знаат дека низ историјата токму жените биле меѓу првите пивари. Пивото отсекогаш било спој на наука, традиција и страст, а токму тоа ме привлече кон оваа индустрија. Својата кариера во „Пивара Скопје“ ја започнав пред речиси 13 години, веднаш по дипломирањето како биохемиски инженер. Моите први професионални чекори беа во одделот за контрола на квалитет, каде што имав можност одблиску да ги запознам процесите и високите стандарди што стојат зад производството на пиво.
Во текот на годините работев на повеќе позиции, учествував во развојот на нови производи и брендови, а стекнав и меѓународно искуство преку работата во Хајнекен Хрватска. Секоја нова улога претставуваше нов предизвик и можност за учење, што ми помогна континуирано да се развивам и професионално и лично.
Денес, како менаџер за производство на пиво во „Пивара Скопје“, можам да кажам дека работата во една реномирана компанија не ме научи само како се создава врвен производ, туку и колку се важни тимската работа, посветеноста и постојаната желба за напредок. Токму тие вредности ме водат низ целата моја кариера.
Како стигнавте до позицијата менаџер за производство на пиво? Колку труд и знаење се потребни за да се изградите во успешен менаџер?
– Мојот кариерен пат во „Пивара Скопје“ се развиваше постепено, чекор по чекор. Започнав како хемиски инженер во одделот за контрола на квалитет, каде што ги стекнав основните знаења за производствените процеси и високите стандарди за квалитет. Подоцна ја презедов улогата на супервизор во контрола на квалитет, што ми овозможи поблиску да работам со тимовите и да стекнувам искуство во управувањето со луѓе и процеси.
Во текот на кариерата имав можност да бидам дел од неколку значајни проекти за компанијата, меѓу кои лансирањето на интернационалниот бренд Амстел на нашиот пазар, како и развојот на Скопско Smooth и Скопско IPL. Овие проекти ми дадоа можност да го искусам целиот процес, од идеја до производ во рацете на потрошувачите, што за мене секогаш претставувало посебно професионално задоволство.
Посебно значајно искуство беше и работата во Хајнекен Хрватска, каде што добив можност да работам во нова средина и да стекнам поширока перспектива за пивската индустрија.
Во кариерата имав и успешни проекти, но и предизвици од кои многу научив. Секој нов чекор носеше поголема одговорност, а токму тие искуства најмногу ме изградија како лидер. Денес верувам дека најголемиот успех не е само позицијата што ја носите, туку тимот што го создавате и резултатите што ги постигнувате заедно.
Каква перцепција имавте за „Пивара Скопје“ и „Скопско“ пред да се вработите, а каква е перцепцијата за компанијата и брендот сега, кога ги гледате однатре?
– „Пивара Скопје“ е моето прво професионално искуство. Пред да се вработам, ја доживував како компанија со богата традиција и бренд кој е препознатлив за секоја генерација. Кога некоја компанија ја набљудувате само однадвор, природно е да ја гледате низ призмата на нејзините успеси и брендови. Но кога ќе станете дел од неа и ќе го почувствувате духот на компанијата однатре, ќе сфатите колку знаење, труд, дисциплина и посветеност стојат зад секое шише Скопско.
Каква средина е „Пивара Скопје“ за младите луѓе во однос на професионалниот развој и кои се клучните бенефиции од работењето тука?
– „Пивара Скопје“ е одлична средина за амбициозни, посветени и тимски ориентирани млади луѓе кои секогаш сакаат да научат нешто повеќе и да се развиваат професионално. Работиме во динамична индустрија која постојано носи нови предизвици, но и можности за учење и напредок.
Една од најголемите придобивки од работењето тука е можноста за континуиран професионален развој, преку обуки, работа на различни проекти и соработка со колеги од регионално и меѓународно ниво. Покрај развојот на лидерските вештини, младите имаат можност да бидат дел од процесот на создавање иновации и нови производи, почнувајќи од идеја, па сè до финален производ на полиците. Особено е инспиративно да се работи на развој на производ кој треба да биде автентичен, да ги следи светските трендови, а истовремено да го задржи високиот квалитет што потрошувачите го очекуваат од нашите брендови. Токму тоа ја прави работата во „Пивара Скопје“ предизвикувачка, но и исклучително мотивирачка.
Како се надградувате во знаењата и дали редовно ги следите светските трендови во индустријата?
– Во индустрија како пивската учењето никогаш не запира. Новите технологии, суровини, производствени процеси и потрошувачки трендови се развиваат со голема брзина, па затоа е важно постојано да се надградуваме и професионално и лично.
Знаењата ги надградувам преку интерни и екстерни обуки, соработка со колеги од различни пазари во рамките на нашите групации, како и преку следење на најновите трендови и иновации во индустријата.
Како се раѓа идејата за развој на нов продукт и колку време е потребно од првичната идеја до финален производ кој толку брзо се претвора во препознатлив бренд?
– Развојот на нов производ е секогаш тимска работа. Во процесот се вклучени мултидисциплинарни тимови кои придонесуваат со своето знаење и искуство во секој сегмент од развојот. Брзината со која една идеја ќе се претвори во финален производ зависи, пред сѐ, од тоа колку јасно знаеме што сакаме да постигнеме и колку добро сме ги разбрале потребите и очекувањата на нашите потрошувачи.
Откако ќе ја дефинираме идејата, започнува вистинската магија. Тогаш нашиот тим од технолози ги засукува ракавите и почнуваме да работиме на развојот на рецептурата. Некогаш се потребни повеќе обиди и различни варијации пред да стигнеме до вистинскиот избор. Во оваа фаза исклучително важна улога имаат и нашите дегустатори, кои преку своето знаење и искуство ни даваат јасни насоки што треба да се промени, подобри, зголеми или намали за да го добиеме посакуваниот профил на вкус и најдобриот можен производ.
Токму Скопско Weiss е добар пример за тоа како се развива нов производ. Желбата да создадеме прво пченично пиво во нашето портфолио, кое ќе внесе нешто ново во пивската култура кај нас, беше главниот мотив за почеток на проектот. Нашите технолози детално ги истражуваа суровините, нивното однесување во процесот и потребните приспособувања на опремата. Благодарение на посветената работа, низ тестирања, дегустации и усовршување на рецептурата, за нецели пет месеци успеавме да стигнеме од идеја до производ на пазарот. Секако, не секој проект се одвива со таа брзина, но возбудата од создавањето и развојот на нови производи секогаш е огромна и токму тоа нѐ мотивира постојано да иновираме.
Што ве мотивира постојано да иновирате со вкусовите и што следно можат да очекуваат љубителите на пиво од вас?
– На ова прашање прво што ми паѓа на ум е потрошувачот. Неговите потреби, очекувања и желба за нови искуства се секогаш почетната точка за секоја иновација. Нашата задача е внимателно да ги препознаеме тие потреби и да ги преточиме во производ кој ќе биде автентичен, квалитетен и релевантен за потрошувачите.
Живееме во период кога новите технологии, знаења и можности се развиваат со неверојатна брзина, што отвора простор за постојани подобрувања и нови идеи. Токму затоа ретко сме во комфор-зона. Постојано истражуваме, учиме и бараме начини да понудиме нешто ново, а притоа да ги задржиме квалитетот и препознатливоста на нашите брендови. Верувам дека токму таа комбинација на традиција, иновација и фокус на потрошувачот е двигателот што нè мотивира постојано да се развиваме и да создаваме нови пивски искуства.
Со кои клучни предизвици се соочува еден менаџер за производство на пиво и како се задржува лојалноста на потрошувачите кон традиционалните брендови?
– Првиот и можеби најголем предизвик е пазарот и брзата промена на навиките и очекувањата на потрошувачите. Денешните потрошувачи се многу поинформирани, имаат поголем избор и постојано бараат нови искуства, па затоа наша обврска е континуирано да се приспособуваме на нивните потреби, без притоа да отстапиме од квалитетот по кој сме препознатливи.
Вториот голем предизвик е пазарот на трудот. Сè потешко е да се пронајдат луѓе кои навистина имаат страст кон пивото и уживаат во процесот на негово создавање. Во таа смисла, сметам дека сум привилегирана бидејќи работам со тим составен од професионалци кои целосно се вложуваат во својата работа и со голема посветеност го создаваат секој наш производ.
Токму таа посветеност, заедно со долгогодишното искуство, континуираното подобрување и бескомпромисниот фокус на квалитетот, резултира со производи на кои потрошувачите им веруваат со генерации.
Кога би се вратиле денес во студентските клупи, што би промениле во својот пристап и каков совет би им дале на младите кои се соочуваат со првите професионални предизвици?
– Бидете љубопитни, истражувајте, бидете проактивни и доволно смели да прифатите нови предизвици. Ако денес повторно би седнала во студентските клупи, веројатно би си дала совет порано да излегувам од комфорната зона и почесто да преземам иницијатива.
Верувам дека најголемата награда во кариерата не е само позицијата што ќе ја достигнете, туку чувството на исполнетост кога ќе видите дека сте создале нешто, сте решиле проблем или сте придонеле за успехот на тимот. Понекогаш патот е потежок, понекогаш полесен, но секое искуство носи вредна лекција.
На младите би им порачала да не се плашат од грешки. Многу повеќе се учи од неуспесите отколку од секогаш сигурните избори. Комфорната зона често ги ограничува нашите идеи, потенцијал и можности за развој. Затоа, прифатете ги предизвиците, верувајте во себе и не престанувајте да учите. Токму така се градат и професионалците и лидерите на иднината.
Интервјуто е реализирано за fakulteti.mk